Сигурно многу често се среќаваш со фразите „Одбери работа која ја сакаш и нема да мора да работиш ниту еден ден од животот“ или „одбери ја професијата за себе водејќи се од срцето“. Да, многумина ќе речат дека изборот на професија треба да оди „во пакет“ со желбите и внатрешните мотиви на поединецот. Овој принцип де факто им има помогнато на многу луѓе да се пронајдат себеси во одредена професија и да имаат многу богата, успешна кариера, но и да се чувствуваат задоволни со и од работата и вистински да уживаат во работењето.
Секако дека некој моден дизајнер ја преточил својата пасија за следење на модните трендови во бројни ревии од сопствени модни линии, или експериментирањето во кујната некого го направиле професионален готвач, но откако се согласивме дека сите на овој свет сме различни како индивидуи – можеме да се согласиме и дека не секој што свесно размислува за своите пасии доаѓа до одговори на дилемите поврзани со професијата и кариерниот пат. Дури и многу од техниките за наоѓање на професионалната пасија, испитување на интересите уште од детските денови или размислување за моменталното хоби може да носат во слепа улица.
Многу луѓе не го доживеале оној „Аха!“-момент и тоа е сосема нормално. Во ред е да не можеш да ја најдеш веднаш страста за одредена професија, а наместо да ја трошиш енергијата во фрустрирање – пренасочи ја на размислување за нешта кои може да ти донесат позитивни промени.
Фокусирај се на компанијата наместо на позицијата во таа компанија.
Една статија од магазинот Форбс вели дека одредувањето на типот на компанија за која сакаш да работиш е полесно отколку дефинирањето на позицијата на која што сакаш да работиш во таа компанија. Можеби те возбудува ризикот кај Старт-ап компаниите, или пак, можеби сакаш да работиш во невладина организација и да се бориш за некоја кауза која лично ја поддржуваш. Одлучувањето за професија водејќи се по работната култура, атмосфера и тип на компанија може да биде награда само по себе, затоа што така ќе ги разгледуваш работните позиции од друга перспектива. Една од тие позиции може да е твојата „работа од соништата“.
Луѓето се многу важни.
Луѓето од нашето секојдневно окружување имаат клучна улога во креирањето на нашата среќа. Ако размислиш подлабоко, сигурно ќе се согласиш дека потребен е само еден човек за да ти го промени расположението за целиот ден. Па затоа, кога размислуваш за идеалната професија за себе, многу е пожелно да си го поставиш прашањето „Какви релации и какви луѓе те прават среќен/на, те инспирираат и те мотивираат? Со кого сакам јас да работам?“
„Сметам дека првото нешто што треба да прашам, кога истражувам за нечија кариера е Какви луѓе сакате во 360-те степени околу Вас? Не само за шефови, подредени, надредени и колеги, туку и оние кои ги опслужувате, односно вашите клиенти, па дури и надворешните соработници и експерти од кои зависи некој дел од работата“ – вели Данкан Матисон, ко-авторот на книгата „Отклучи го тајниот пазар на работа: 6 чекори за успешно наоѓање работа во тешките денови“. „Проблемот со луѓето може да ја креира или да ја наруши среќата во кариерата. Дали ви се допаѓаат тие луѓе? Дали им се восхитувате? Дали се грижите за нив и за нивните проблеми?“
Никогаш не прескокнувај чекори.
Наместо да се обидуваш да ја најдеш совршената работа, пробај да најдеш начин како да најдеш добра работа и да ја направиш уште подобра, наместо да се фокусираш на совршенството.
„Размислувајте да ја обликувате својата кариера по принципот на помалку и повеќе. Разгледувајте можности кои имаат помалку од она што не ви се допаѓа, а повеќе од она што го сакате. Понекогаш тоа може да се пронајде лесно и во рамките на една организација или компанија, но понекогаш тоа бара повеќе време и труд.“ – вели Матисон.
Не прекинувај да истражуваш!
Зошто децата најчесто на прашањето „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“ даваат одговори – наставничка или полицаец? Дел од причината е тоа што тие професии се многу видливи, речиси се насекаде околу нив. Тешко е да замислуваш и да размислуваш за професија за која не знаеш дека воопшто постои.
Примени го ова образложение и на твојата потрага по задоволство од професијата и кариерата. Прелистај ги објаснувањата за повеќе работни позиции и професии. Посетувај курсеви и обуки, дај си шанса за нови идеи и унапредувај ги своите вештини! Прашувај ги луѓето кои ги запознаваш за нивната работа и како тие стигнале до таму каде што се наоѓаат во моментот. Биди љубопитен/на и учи постојано! Тоа е единствениот начин да се сретнеш со вистинските одговори на сите твои прашања.