Skip links

Колку е лесно да се одбере вистинската професија?

Изборот на вистинската кариерна патека на луѓето е од исклучително значење како за нивната компетентност и исполнителност на пазарот на трудот, така и за чувството на исполнетост и среќа на поединецот во неговиот живот. Врз кариерниот избор на младите, несомнено големо влијание има формалното образованието кое претставува примарно место на запознавање на младите со сопствените способности и карактеристики, најразличните гранки од индустријата како и можностите за вработување во современите општества. 

Моменталниот образовен систем во земјата засега обезбедува недоволно можности за кариерно советување каде учениците може да се насочат во изборот на сопствен кариерен пат, а воедно и училиштата кои располагаат со ресурси (компетентен кадар) не се доволно искористени, односно учениците ретко се советуваат со овие личности преку кои можат да се запознаат со потенцијалите кои различните професии. Ова се одразува на способноста на учениците да направат лесна транзиција од училиштето кон пазарот на трудот која согласно извештајот на Националниот младински совет на Северна Македонија е еден од предизвиците со кои се соочува нашата земја.

За да помогнеме во справување со овој предизвик СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации преку реализиција на овој проект се обиде да влијае или допринесе кон:

  • подигање на свеста за потребата од поквалитетно кариерно советување на учениците помеѓу образовните институции и институциите одговорни за развој на образованието 
  • подобро задоволување на потребите на пазарот на трудот преку подобро насочување на учениците кон кариерни профили кои се им се соодветни и барани во општествто
  • зголемување на бројот на исполнети и реализирани млади луѓе во области каде нивните способности и карактерни особини доаѓаат до израз и им обезбедуваат кариерен развој

Специфичната цел на проектот беше обезбедување современ и лесно достапен начин средношколците да се запознаат со разните профили на професии и да добијат методи на кариерно советување и насочување кое ќе им помогне да се изградат како квалитетни поединци на пазарот на трудот.

За остварување на оваа цел, Смарт Ап изгради дигитална алатка – платформа, која содржи голем број содржини и материјали, кои на ученикот може да му помогнат да донесе вистинска, правилна и информирана одлука во однос на изборот на професија, но и да добие лесен и директен пристап до државната платформа за кариерно ориентирање (Батерија инструменти за професионална ориентација – БИПО), со што, веруваме дека бројот на корисници на таа алатка ќе се зголеми, а тоа директно ќе влијае кон зголемување на бројот на ученици кои ги спознале своите јаки и слаби страни и носат одлука за продолжувањето на своето образование или избраната професија, во целост.

Заедно со оваа платформа, Смарт Ап организираше и еднодневен настан-работилница, со 30 средношколци кои се запознаа со Насочи.ме, им беше презентирана самата платформа и придобивките од користењето на истата, ја тестираа и оставија свој коментар во однос на нејзиното подобрување. Од делот на кариерно ориентирање, тие решаваа два прашалници кои помагаат во стеснувањето на изборот на соодветна професија –МБТИ, тест за одредување на типологија на личноста и прашалникот за Мултипла интелигенција на д-р Хауард Гарднер. Целната група на проектот ја сочинуваа учениците од сите јавни и приватни средни училишта од територијата на градот Скопје.

Целосниот напис за Насочи.ме е објавен во актуелното издание на списанието „Лице в лице“. Повеќе информации за како можете да се сретнете со актуелното издание можете да најдете тука.